Skip to main content

ЗРТМ (Здружение на Радиолошки Технолози на Македонија)

Во Одделот за радиотерапија при ЈЗУ Универзитетска клиника за Радиотерапија и Онкологија, со големо задоволство е означено успешното третирање на 2000-тиот пациент со употреба на Volumetric Modulated Arc Therapy (VMAT) – еден од најсовремените и најпрецизни методи во радиотерапијата. Овој значаен исчекор ја потврдува континуираната посветеност на клиничкиот тим кон имплементација на напредни онколошки терапии и обезбедување висококвалитетна терапија.

И покрај предизвиците поврзани со недостиг на високо квалификуван кадар, особено во областа на радиолошките технолози и медицинските физичари, клиниката го одржува чекорот со светските стандарди во радиотерапијата преку примена на иновативни техники и современи протоколи во третманот на онколошките болести.

Во завршна фаза се подготовките за имплементација на Stereotactic Radiation Therapy (SRT), напредна форма на високо прецизна радиотерапија која користи стереотактичка локализација и мултифракциониран 3D третман за максимално конформно дозирање. Оваа техника овозможува строго фокусирано и концентрирано зрачење со висока доза, минимизирајќи ја експозицијата на околните здрави структури и критичните органи. Очекувањата се дека оваа методологија ќе биде наскоро интегрирана во клиничката пракса, овозможувајќи значително подобрување на терапевтските исходи и квалитетот на онколошката нега во националниот систем за здравствена заштита.

ЈЗУ Универзитетска клиника за Радиотерапија и Онкологија останува посветена на континуирана стручна едукација, обука и усовршување на својот кадар во областа на медицинската физика и радиотерапија, со цел обезбедување безбеден, прецизен и ефикасен третман за секој пациент, согласно најновите европски и светски протоколи.

One Response

  1. Секоја чест и пофалба за дрим-тимот на УКРО особено до Радиолошките технолози за стручноста спремноста и ангажманот за секој еден пациент

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *